Двајца македонски државјани се меѓу загинатите во верижниот судар што се случи денеска на автопатот Белград – Ниш, на потегот меѓу градовите Ќуприја и Јагодина, објави српски „Блиц“.
Покрај македонските државјани, според пишувањето на „Блиц“ загинале и пет пет српски државјани.
Од македонското Министерство за надворешни работи за МИА изјавија дека од македонската амбасада во Белград засега немаат никаква официјална потврда од српското МВР за загинати македонски државјани.
Сепак, има информација дека Министерството за надворешни работи ја потврди трагичната вест од Србија, според која двајца македонски државјани загинаа во страотната сообраќајка што утрово се случи на автопатот Белград – Ниш во двата правци, на речиси исто место и во исто време. Нивниот идентитет не го објавуваат, но како што соопштија српските медиуми, станува збор за Бурим Д. и Љуљдим Р., двајцата на возраст од 37 години.
Според извештаите на тамошните весници, во првата несреќа околу 7.15 часот, во близина на Јагодина, учествувале десетина возила, при што два камиона се запалиле и изгореле. Во тој судир загинале четири лица, а десетина се повредени.
Другиот судир се случил на истото место, но во другиот правец, од Ниш кон Белград. Во таа несреќа настрадале три лица, а повредени се петнаесетина. Во судирот учествувале девет камиони и неколку автомобили.
Во сообраќајната несреќа, според информациите со кои располага српското Министерство за внатрешни работи, повредени се 27 лица кои се пренесени во болниците во Јагодина и Ќуприја.
Во сообраќајката учествувале 34 возила. Причина за несреќата е густата магла.