Еден аналитичар вели: Ако челните луѓе на ВМРО-ДПМНЕ се паметни, треба нивните пратеници да ги убедат да гласаат за договорот од Преспа, по што нивните сестрински партии од Европа многу повеќе ќе ги почитуват и ќе ги сметаат за демократска партија!

Не знам, поточно не разбрав, која му е поентата на аналитичарот. Ама кога некој, дури и да станува збор за најголем аналитичар, почне вака да се расфрла со неразумни идеи, освен ако тој верува дека за една политичка партија е поважно мислењето на сестринските партии од надвор, а не довербата на граѓаните од сопствената земја која ја даваат на избори или референдуми, во тој случај станува збор за нешто друго.

На референдумот граѓаните се изјаснија против договорот од Преспа и тоа треба да се почитува. Еден друг аналитичар, а можеби беше истиот, додава: Грешка била што власта не им го објаснила договорот подетално на граѓаните бидејќи тој, народот, посебно тие кои живеат во руралните средини сигурно не го прочитале. Дури и ако некој го прочитал, не го разбрал, бидејќи тој слој од граѓаните си садат пиперки и домати по полињата и договорот не им е битен!

Вакви депресивни тажнопојни тези слушнавме по неуспешниот референдум. Пред тоа, целата елита на Заев, Димитров и Шеќеринска заедно со одредена група аналитичари наклонета кон власта, зборуваа нешто сосема друго. Со насмевки и широко отворени усни ни нудеа идилична слика за европска Македонија, дека по успешниот референдум вратите на ЕУ и НАТО ќе бидат широко отворени и на чело со Заев ќе зачекориме во светлата иднина. Така зборуваа Заев, Димитров и Шеќеринска.

Тогаш власта беше во политичка еуфорија. Посебно што Заев имал можност да се прегрнува со Меркел и Столтенберг, или Димитров да се ракува со Хан, Могерини и со многу други европски и светски политичари. Во таква раскалашена состојба можеби и власта веруваше дека народот, граѓаните кои садат пиперки, краставици, домати, тикви или тутун по полињата од државава, не ќе можат да проценат што пишува во договорот, туку така на слепо ќе излезат и ќе гласаат за успешен референдум.

Се случи спротивното. Кога граѓаните прецизно и итро открија дека власта потајно и под маса крои план за промена на името, нивниот сенс за достојност се пробуди. Се потврди дека граѓаните не се ниту недоветни, уште помалку завеани, како што мислат некои домашни и странски политичари, се потврди дека народот си е умен и за референдумот изгради свој став. Не сака промена на името на државата и е против договорот од Преспа.

Сега тој истиот Заев тврди референдумот бил успешен  и повторно сака да не внесе во нова хазардна игра која може да донесе многу нејаснотии за граѓаните и државата. Власта поткрепена од некои надворешни политички фактори повикува да се оди понатами и проблемот да се реши во Собранието, да се најде начин да се дојде до бројката од осумдесет и некој пратеник и на таков ,,безболен“ начин се прифати договорот со Грција. Тоа значи, нашите пријатели од надвор не подучуват и советуват да употребиме политички измами и да се применат крајно нецивилизациски методи. Ако ваквите пракси се прифатат, во тој случај каде е демократијата, што со правото на самоопределување и почитување слободната граѓанска мисла? И повторно слушаме и гледаме дека единственото решение за нас е да го прифатиме договорот од Преспа. Се лажат тие кои нам граѓаните сакаат да ни  подметнат дека не сакаме влез во ЕУ и НАТО. Во секоја работа, ако се добие некаква победа, нормално е тој, тие, да се радуват и го слават успехот. Истовремено треба да се има елементарна доблест кога се губи да се признае поразот и да се верува во некој друг иден успех. И најмалите народи по бројка, не трпат закани и уцени за да бидат принудени да го менуват името на државата. Кај нас политичките настани се претворија во неразумна  патолошка какафонија која заликува на перверзија. Резултатот од референдумот беше повеќе од јасен дека граѓаните имаат свој став, дека договорот од Преспа не го поддржуват, дека тој договор политички е мртов и тука завршува приказната. Ако мислат да влегуват во нови измами не треба да заборават дека од граѓаните можат да добијат уште една политичка шлаканица.