Смената на вратите и прозорците во неколку училишта, општински згради и други јавни установи еве денеска ги дава првите резултати што ги вети заменик министерот за екологија, Јани Макрадули.

Денеска скопјани, а и во други градови во Македонија дишат алпски ајро и со тоа се потврди вчерашното ветување на Макрадули дека Планот за чист воздух на СДСМ и Владата даваат резултати. Се уште не е потврдено дали овој алпски воздух денеска е заслуга на мерките или на ветрот што, на пример, во соседна Грција на некои места дуваше и со брзина од 116 км на час.

А Макрадули и денеска има пофалби за активностите што ги презема:

– Замена на нееколошкиот начин на затоплување во ООУ “Кочо Рацин” во општина Петровец, каде досегашното греење на нафта се заменува со високоефикасни инвертер клима уреди. ООУ “Кочо Рацин” е едно од училиштата кои се дел од Планот за чист воздух, во рамки на кој една од предвидените активности е замената на нееколошкиот систем на затоплување на јавните институци, пред сѐ во градинките и училиштата, објави Макрадули на Фејсбук.

Како што рекол народот, назад ни е зимата, па останува да видиме дали со владиниот План за чист воздух има „увезено“ повеќе алпски воздух или сомнителен отпад од Европа за горење во Македонија како ѓубре или погонско гориво.
(Д.Г.)