Бегалецот од правдата Артан Груби вчера дојде во Вевчани. И не се криеше туку ги покажа своите вештини во канцеларсико фудбалче… Се разбира како маскота за потсмев на Вевчанскиот карневал.

Очекувано, учесниците на Вевчанскиот карневал не пропуштија да се пошегуваат со првиот вицепремиер на Димитар Ковачевски и десна рака на Али Ахмети. Групната маска во која Артан Груби игра фудбалче со актовка на Лотарија на Македонија в рака беше една од најсмешните на карневалот.

Исто така од Монте Карло со црвеното Ферари дојде и Сашо Мијалков, бившиот началник на ДБК, кој е на условен отпуст од затворската казна. Друштво им правеа и други познати фаци од домашната и светската политичка јавност, што им биле интересни на мајсторите на маските во Вевчани.

Со традиционалното василичарско оро и палење на маските во дворот на Мултикултурниот центар во Вевчани, попладнево ќе заврши годинашното издание на Вевчански карневал.

Палењето на маските симболизира бркање на злото, а вевчанци веруваат дека прочистени ќе ја дочекаат Новата година, според Јулијанскиот календар. Претходно зетот, невестата, ѓаволите и глупавите Августи заедно со останатите маскирани, ќе ги посетат семејствата, чии членови го носат името посветено на Свети Василиј.