Вицепремиерот Никола Димитров денеска „насила е доведен“ пред пратениците во Собранието на Република Македонија, но само како макета оти ги одбива поканите од собраниската комисија.
Парламентите во сите членки на ЕУ секогаш се место за демократска расправа меѓу министрите и пратениците за најважните национални прашања, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ за ставот кон соседна Бугарија во поглед на ветото за македонските евроинтеграции и непојавувањето на вицепремиерот Никола Димитров.
– За жал, во Македонија министрите бегаат од Собранието и од пратениците. Затоа, и макетата на вицепремиерот Димитров е вистинската слика за владините министри во Собранието, слика има, тон нема, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се додава дека пратениците од власта денеска не прифатиле на дневен ред да се стават и да се усвојат два заклучока, кои се однесуваат на македонско-бугарскуте односи и ризикот од блокада на евроинтеграциите:
Прво, Собранието ги осудува позициите содржани во објаснувачкиот меморандум на Бугарија испратен до земјите членки на ЕУ во контекст на проширувањето и македонските евроинтеграции како спротивни на Повелбата на Обединетите нации од 1945 година, во која една од целите е развивање „пријателски односи меѓу нациите засновани врз принцип на почитување еднакви права и самоопределба на народите“, право што неделливо му припаѓа и на македонскиот народ;
Второ, Собранието упатува апел до сите земји членки на ЕУ, до Европската комисија и до Европскиот парламент да донесат безусловна одлука за почеток на преговорите со одржување на првата меѓувладина македонско-европска конференција.