Вчера бевме сведоци како вицепремиерот Кочо Анѓушев тврдеше дека сите одлуки што се носеле во врска со хидроцентралите Тополки биле кога тој не бил член на Владата. И веднаш да расчистиме – лаже, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
– Одлуката на неговиот колега министер Садула Дураку за продолжување на рокот за градба на хидроцентралите со анекс договор била токму во 2018 година кога Кочо Анѓушев веќе е вицепремиер. Се отвора сомнеж дека Кочо Анѓушев влијаел врз неговиот колега Садула Дураку да му се продолжи рокот за градба на хидроцентралите од 3 на дури 5 години, рок кој во договорот за концесија кој што е претходно склучен е утврден во член 68 и е само 3 години. Оттука се продолжува на 5 години бидејќи не биле испочитувани сите делови од договорот. Но, тоа ќе го истражат и расчистат антикорупционерите, а ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе ги доставиме деновиве сите документи кои ги поседуваме и кои ќе можат да им користат во истрагата на ДКСК. Денеска ќе апелираме до антикорупциската комисија да отвори и разгледа уште еден случај за давање согласност по долготраен закуп на градежно земјиште на фирмата МХЕ Падалишка ДОО Скопје, хидроцентрала во која повторно се јавува како сопственик Кочо Анѓушев и неговиот брат Тодор Анѓушев, рече Арсовски.
Тој додаде дека Зоран Заев на 28 јануари оваа година, преку непосредна спогодба на седница на Влада им доделил околу 2.000 м2 на фирмата МХЕ Падалишка која е на неговиот вицепремиер Кочо Анѓушев.
– Повторно имаме случај кој треба антикорупционерите сериозно да го разгледаат и да проверат дали можеби и во овој случај со хидроцентралата Падалишка се продолжувани рокови за градба со анекс договори. Иако Кочо Анѓушев ја убедуваше јавноста дека нема повеќе да учествува со своите фирми секаде каде што ќе има контакт со државата, сега гледаме дека се случува спротивното. Повторно сомнеж за злоупотреба на позицијата вицепремиер и повторно сомнеж за извршено влијание од страна на Кочо Анѓушев. Сите документи кои ги поседуваме ќе бидат доставени до антикорупционерите, а понатака ќе и бидат и достапни на увид на јавноста. Засега ги охрабруваме антикорупционерите да не подлегнуваат под притисоци и да ги расчистат сите сомнежите на каков начин е влијаено врз овие процеси за концесија, рече Арсовски.