Воопшто не и е лесно на пратеничката Мира Дизел Стојчевска штом не знаела и морала од медиумите да разбере дека нејзиниот син Виктор Стојчевски аплицирал и за негова среќа бил вработен во државната ЕЛЕМ, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
– За да не ги обвини медиумите дека кријат информации од нејзе, еве да и помогнеме со уште една информација, која би сакале да ја потврдиме пред целата македонска јавност. Почитувана Мира, дали е точно дека покрај Виктор, твојот син вработен во ЕЛЕМ, преку агенција за времени вработувања е примен и твојот брат како перспективен бравар со завршено средно училиште? Еве и шанса на Мира Дизел Стојчевска да се јави кај нејзиниот брат и да го праша дали и тој е ангажиран во ЕЛЕМ односно во РЕК Битола? Дали е на определено или неопределено време? Дали и тој стартува со работа од 11 февруари? Според нашите информации датумот на спроведување на вработувањето на син и на брат и во Агенцијата за вработување се на 09.02, односно во саботата, а изборите се распишани во петокот на 08.02. Првиот работен ден на Виктор и на брат и на Мира бил вчера односно на 11.02 во понеделник три дена после распишувањето на претседателските избори од страна на Собранието, рече Арсовски.
Тој додаде дека она што е симптоматично и ја интересира јавноста е следново:
– Дали е точно и како е можно синот на Мира Стојчевска да биде пријавен за вработен во државната ЕЛЕМ ден после распишување на претседателските избори во Собранието? Премногу е симптоматично исто така, како е можно сите блиски роднини на функционерите од власта токму сега да добијат шанса за вработувања и тоа баш во институциите и претпријатијата каде што платите се многу повеќе од 500 евра просечната плата која што ја ветуваше Зоран Заев пред изборите. Но, еве најверојатно тоа е дел од планот на СДСМ и Владата за покачување на просечната плата, така што ќе си ги вработат своите роднини на места каде што ќе земаат многу повисока плата од просечната за сметка на сите оние граѓани кои што земаат далеку пониска плата од просечната. Ова е лицемерие од кое што сите граѓани се згрозени. Барем малку ако имате срам, барем само грам срам ако имате, веднаш ќе си поднесете оставки и ќе се срамите за се што претходно сте зборувале. Но, бидејќи немате ниту срам ниту перде, вие и понатаму пробувате да ги оправдате овие постапки. Слободно вие правдајте се, граѓаните гледаат и никогаш повеќе нема да ја добиете нивната доверба која што ја изгубивте. Дополнително, сите овие вработувања и класични примери на непотизам по доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат ревидирани и за истите ќе бидат поведени постапки на кој начин и како се вработени, рече Арсовски.