Актуелната власт за 9 месеци ја задолжи Македонија за речиси 400 милиони евра, рече не денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
– Откако СДСМ ја презеде власта, долгот не престанува да се зголемува. Секое семејство во државата е задолжено со 720 евра за само 9 месеци. Тоа се пари кои со камата ќе ги враќаат идните генерации. Ова се скоро 400 милиони евра кои власта ги зема без покритие, без со нив да се финансира дефицит или капитални инвестиции кои и онака се на историски најниско ниво. Ова се пари за кои власта не кажува на што се трошат. Ова се пари практично кажано фрлени низ ветер, рече Арсовски.
СДСМ, додаде портпаролот, е партијата која ветуваше намалување на задолжувањето од опозиција, а сега од позиција на власт не само што не го намали, туку и го зголеми.
– За првпат во историјата на државата јавниот долг ја надмина психолошката граница од над 5 милијарди евра, додека пак државниот долг од над 4 милијарди евра. И додека долгот достигнува астрономски размери нема ниту инвестиции, ниту проекти. Ништо од ветените 600 километри автопат, ништо од 550 километри магистрални патишта и ништо од 1100 километри локални патишта. Лошата изведба на власта и незнаењето се гледа и од ниското ниво на реализација на капиталните инвестиции кои за 3/4 од годината изнесуваат само 1/4 од предвидените, ова е жално. Дополнително на тоа ако го додадеме и препрограмираниот раст кој е намален на 2.3 отсто доаѓаме до заклучок дека економијата се ближи до неликвидност, рече Арсовски на прес-конференцијата.
Граѓаните, додаде, тонат во сиромаштија и се повеќе се зголемува бројката на сиромашни во Република Македонија.
– Токму затоа СДСМ мора да си замине, колку побрзо толку подобро за граѓаните и за државата, рече Арсовски.