На земјава и недостигаат 10.000 работници поради што мора да биде увезена работна сила од други земхи, изјави денеска вицепремиерот Фатмир Битиќи.
– Најзагрозени се секторите градежништво, хотелиерство и туризам бидејќи најголем дел работници од тие дејности, како што кажа Битиќи, одат во држави каде има далеку повисоки плати и подобри услови. Па така, Владата проблемот ќе го решава преку доквалификација на домашниот кадар, но и со увоз на работна сила.
Битиќи, како што објави ТВ Канал 5 вели вратите се отворени за работници од сите земји.
– Бегаат за што повисоки просечни плати. Просечната плата кај нас достигна 550 евра, платата каде одат нашите работници да работат е 1 100 евра, а земјите од каде што најверојатно ќе доаѓаат работници во рударството, па и во градежништвото е просечна 200 евра. Тоа е природен циклус на движење на работна сила за подобро. Сметам прво луѓето од регионот првично треба да се искористат, потоа оставаме отворено. Нема дефинирано од каде, нема дефинирано квоти, отвораме дискусија, но сметаме дека тоа е актуелен проблем. Граѓаните сакаат подобори услуги и подобри патишта кои треба да се изградат, изјави вицепремиерот за економски прашања.
Еден од најдобрите начини да се обезбедува квалификуван млад кадар е преку дуално образование, порачува германскиот амбасадор во земјава Ото Граф. Оваа пракса, во која средношколците истовремено и учат и почнуваат со работа, веќе ја имаат воспоставено германските инвеститори во земјава.
– Да имате еден подинамичен пристап. Да ја преземете одговорноста и тоа е нешто што тука го прават германските компании. Многу се поддржува дуалното стручно образование, значи тие не чекаат да има доволен број на работна сила, туку самите го даваат својот придонес за да се осигураат дека ќе има доволно квалификуван кадар и во иднина. Сите ние треба да го дадеме својот придонес, кога велам сите, тоа е Владата, образовните институции и се разбира германските претпријатија кои се тука активни, кажа Ото Граф, в.д. германски амбасадор.
Видеото на ТВ Канал 5 може да го отворите ТУКА.