Неодамна сервисиран ни беше вратен и третиот авион за гасење пожари, но сега се соочуваме со немање пилоти, чија обука е многу скапа, вели
првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути.

Тој рече дека последниот сервисиран авион се вратил во Македонија пред една недела и дека сега се сервисирани три авиони.

– Третиот авион се врати минатата недела и е подготвен. Проблемот со недостигот на пилоти за авионите останува предизвик за институциите но и за Владата бидејќи за секој авион се потребни најмалку 3 пилоти. Ќе се обратиме до Министерството за финансии и до Владата да одобрат дополнителни средства за привлекување луѓе. За летање со овој тип на авиони потребна е дополнителна обука која е многу скапа и многу ригорозна и која многу често завршува со неуспех. Многу е тешко да се најде кадар за ваква работа, изјави Максути

Тој истакна уште еден голем проблем со авионите за гасење пожари:

– Се трудиме по 20 години да го решиме проблемот со немањето хангар, бидејќи во моментов авионите се чуваат на отворено небо, рече Максути.

Инаку, авионите за гаснење пожари се набавени во периодот кога премиер на Македонија беше Никола Груевски.