Премиерот Димитар Ковачевски излезе од бизнисот со фотоволтаици, но, неговата сопруга, Елена Ковачевска, влегува во бизнисот со производство на електрична енергија преку компанијата „Сол груп 5 ДОО Скопје“, во која се јавува како една од петтемина сопственици, објави А1он.

Како што објави порталот, компанијата планира да гради енергетски капацитет со моќност од 1,8 мегавати.

„Сол груп 5 ДОО Скопје“ во улога на инвеститор, нарачала и во август минатата година добила готов урбанистички проект со намена за површински и соларни фотоволтаични електрани, односно за изградба на фотоволтажна централа од 1.8 мегавати во Радовиш.

А1 он ги посети катастарските парцели наведени во урбанистичкиот проект. Локациски, патот нè однесе во некогашното село Раклиш, кое денеска е населба на општина Радовиш. На терен просторот е ограден со бетонски столбови и бодликава жица со предупредување за висок напон.

Според податоците од урбанистичкиот проект, парцелите имаат површина од 22.224 метри квадратни, додека само на пола од нив, односно 11.056 метри квадратни е развиена површина за градба, каде е предвидено да никне централата за производство на електрична енергија од сончеви зраци. Врз основа на урбанистичкиот проект и потврдата издадена од Министерството за транспорт и врски, веќе е направена и промена на катастарските парцели – од ниви во градежно неизградено земјиште.

До овој момент, „Сол груп 5“ нема поднесено барање за добивање одобрение за градење до Министерството за транспорт и врски, ниту, пак, барање за издавање лиценца за производство на електрична енергија од Регулаторната комисија за енергетика, која е претпоследна инстанца, пред компанијата да може да излезе на пазарот за продажба на електрична енергија.

Уделот во компанијата на Елена Ковачевска е пријавен во анкетниот лист на премиерот. Пријавениот удел е во вредност од 62.000 денари, сума идентична на нејзиниот основачки влог во компанијата.

Опширно во статијата на А1 он во видеото кое може да го отворите ТУКА.