Смрдени мелни пелени во една од зградите, синоќа дигнаа паника во скопската населба Аеродром, каде градоначалникот Петре Шилегов повика специјални единици од АРМ да испитаат дали е безбедно станарите, кои беа евакуирани, да се вратат во своите домови.
Притоа е откриено дека смрдеата која ги испаничи жителите била од употребени мелни пелени, од кои се ширела смрдеа на амонијак.
– Станот број 11 во кој биле најдени смрдените пелени ќе се дезифицира, а миризбата и штипењето на очите кај дел од станарите било од амонијак од пелените, кои биле чувани во станот, изјави градоначалникот на Скопје, Шилегов.
Во станот живееле две жени од кои едната била 90-годишна. Социјалните служби излегле на терен, со цел да ги згрижат жените, а ќе се изврши и дезинфекција на станот и на влезот во зградата во ТЦ Скопјанка.
Како што веќе објавивме, жителите од станбениот комплекс Скопјанка, во скопската општина Аеродром, вчера доцна попладне беа евакуирани поради остар мирис кој го отежнуваше дишењето.
Жителите ги посети скопскиот градоначалник Шилегов, кој изјави дека се чекаат единици на АРМ за радио-хемиска и биолошка деконтаминација, која ќе дојде со инструменти да го измери квалитетот на воздухот. Повикани биле и инспектори од Министерството за животна средина и просторно планирање и од Институтот за јавно здравје за да се утврди дали е безбедно враќањето во зградата.