Орканска бура вчера направи огромни материјални штети во Далмација.
Во Сплит е регистриран ветар со брзина од 180 км на час, во Макарска 190, а над Дрнош дури 200 км на час, јавуваат хрватскитемедиуми.
Официјално станува збор за најсилна бура во Сплит уште од 2004 година, кога за време на циклонот Дороти, најсилниот удар бил 176,6 км на час.
– И порано имало силни и посилни удари на бура од денешната. Но, денеска имаме рекордни мерења на некои места. На секои 5 до 10 години се појавуваат бури со брзина од 200 км/ч или дури и повеќе. Досега најсилен удар се случил на 21 декември 1998 година на Масленички мост, кога брзината на ветрот беше 248 км на час, вели прогностичарот на ХРТ, Драгослав Драгојловиќ.
Полицијата, јавуваат медиумите, примила многу пријави од граѓани за паднати дрвја, електрични столбови и оштетени покриви. Од пад на ќерамиди и гранки повредени се три лица, а десетина побарале лекарска помош поради паѓања предизвикани од силниот ветер, соопшти хрватското МВР.
На дубровничко-неретванското подрачје полицијата добила повеќе повици за срушени дрвја, шест повици за оштетени возила, и десетици за пад на електрични и телефонски столбови.
Од Дубровник е и мошне страшната снимка на која се гледа како бурата оддува човек.
На снимката од надзорна камера се гледа како маж носен од ветрот силно удира во ѕид, а потоа во помош му притекнува еден минувач. Снимката е од каналот на Далмација данас на Јутјуб.