Градоначалникот Петре Шилегов потроши 1 милион евра пари на граѓаните за чистење на снег кој се уште го нема, изјави на денешната прес конференција советничката во Град Скопје, Светлана Колариќ.
– Петре Шилегов во име на Град Скопје склучил договор за изнајмување на опрема за чистење на снег за 2020 и 2021 година во висина од 1 милион евра. Според договорот кој го потпишал Шилегов станува збор за изнајмување на 15 машини, кои според договорот имаат обврска за чистење од 40 часа месечно, се што ќе биде над тоа ќе се плаќа дополнително од страна на градот, изјави Колариќ, советничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа потенцираше дека Шилегов наместо да ги троши парите на граѓаните за чистење на снегот кој не падна можеше да купи 5 нови машини за чистење на снег кои ќе бидат во сопственост на градот и ќе можат да бидат користени повеќе години.
-Шилегов не работи домаќински. Шилегов го раскрчмува едноставно градот. Шилегов и Заев се виновни за целиот криминал, корупција и рекет. Шилегов и Заев се виновни за сите порази и сите понижување кои ги доживуваме. Несоодветното трошење на парите на граѓаните ќе заврши на 12-ти април. Но по 12-ти април ќе има верувајте одговорност за се, рече Колариќ.