Човекот нема никаква поврзаност со СДСМ, изјави денеска портпаролот и пратеник на СДСМ, Костадин Костадинов на новинарско прашање „дали нешто како партија ќе преземете во врска со статусот на Тричковски за Мизрахи“?
– Како одговорна политичка опција во државата, СДСМ најостро го осудува ширењето на говор на омраза, го осудува антисемитизмот. Би сакал да кажам дека човекот нема никаква поврзаност со СДСМ и ја користам оваа прилика да апелирам до надлежните институции да го отворат случајот и да го истражат и да има соодветна одговорност согласно законите на РС Македонија. Нашата држава е демократска земја, нашето општество е демократско и секако такви испади се недозволиви, изјави Костадинов.
Како што е веќе објавено, новинарот Бранко Тричковски кој беше активен поддржувач на тн. шарена револуција, но и сега на владејачкиот СДСМ, вчера објави навредлив статус на социјалните мрежи за министерката Мизрахи.