Обвинетиот Бојан Јовановски во текот на вчерашниот ден поднел ново барање за замена на мерката ефективен притвор заради спроведување на хигиено-диететски режим во домашни услови, изјави денеска неговиот адвокат Сашо Дуковски.

Посочи дека е од исклучителна и есенцијална важност мерката притвор да се укине и да се спроведе хигиено-диететскиот режим, што веќе четири месеци се сугерира од многу врвни медицински установи.

– Поднесовме ново барање до Кривичниот совет на Основниот суд – Скопје за преиспитување на постоењето на околностите за понатамошно задржување на обвинетиот во ефективен притвор. Притоа ги дадовме последната дијагноза и медицински извештај, кои датираат од 4 февруари. Тоа се нашите аргументи за укинување на притворот, изјави Дуковски.

Посочи дека постапката за укинување на притвор е итна постапка и очекува во текот на следната недела да се одлучи.

Прашан дали е поднесена тужба против приватната клиника „Систина“, како што претходно најави Боки 13 доколку се утврди дека има рак на желудник, адвокатот Дуковски, рече дека таква тужба не е поднесена.

– Ќе следат правни поднесоци во тој правец, не заради ова што се кажува, туку блиску до тоа. Затоа што се работи за некоја операција која што при консултација со врвни експерти од таа област е констатирано дека не е изведена според правилата на струката. Тоа го велат луѓе кои изведувале илјадници такви операции и во тој правец би следела евентуална постапка, изјави Дуковски.