Година на сиромаштија и економска криза, ја оцени 2018-та лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој на својот профил на Фејсбук напиша дека власта со поскапување на лебот удира и по најсирмашните.
– Зголемени трошоци, фабрики кои не работат, странски инвестиции кои наместо да доаѓаат, се одливаат од државата. Нема пласман на земјоделските производи,трудот е потценет и дискриминиран. Најава за зголемени даноци со кои директно се удира по стандардот на граѓаните, работниците, интелектуалците, земјоделците, луѓето кои живеат од рента, оние со авторски договори, тие кои се обложуваат и играат игри на среќа, се удира по малиот, средниот и крупниот бизнис, објави на Фејсбук.
Натаму Мицкоски во освртот на годинава што минува напиша:
– Се воведува данок на реинвестирана добивка. Се удира и по најсиромашните, лебот поскапе за 20 отсто, бензините поскапеа, цените растат, а младите не престануваат со иселување. Парите се земаат од народот за власта да се луксузира. За нови нефункционални заменици директори кои ќе ги плаќа народот, за матни и скапи тендери. Ова се црнилата кои ги живеат граѓаните секој ден од оваа година. Следува нова година, нова надеж, година на одлуки и промени, година кога ќе имаме шанса да ги победиме овие црнила, да ги оставиме во старата година како симбол на едно загубено и мачно време. Затоа ни е потребна зората која ќе донесе победа над ова црно владеење, зора која ќе донесе подобри времиња, напиша Мицкоски.