Пред Новата година се потсетуваме на минатото, а моја голема желба отсекогаш беше да можам да направам нешто за мојата земја, за мојот народ да е весел и радосен, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во новогодишното обраќање.

– Затоа што среќата на луѓето е најважна. Она што денес го гледаме е далеку од моите, и од вашите желби. Се повеќе тага на лицата, се помалку насмевки. Среќата ја совладуваат неправди, сеприсутната корупција ја разградува радоста, има црнила на секој чекор. Новата година е и инспирација. Момент на топлина, визија, позитивен амбиент и голем елан. За желбите да станат стварност треба да се бориме, но и да веруваме. Јас ќе се борам до крај, бидејќи верувам во идеалот на обновата. Верувам дека вие и вашите деца треба да се среќни, да имате добар стандард, стабилност, напредок, правдата да царува, а државата да се грижи за вас. Тоа е обновата. Тоа го посакувам. И тоа ќе го остварам, заедно со вас и пред се за вас, за мојот народ, вели Мицкоски.

Годината што следи, продолжува опозицискиот лидер, ќе донесе промени на подобро, следува економски бум, неправдите ќе бидат поразени, а Европа ќе влезе во Македонија во вистинска смисла на зборот.

– Принципите ќе важат за сите. Следува победа на идеалот за обновата! Со добри мисли и уште подобри намери, како еден од вас, ништо повеќе и ништо помалку од тоа, како човек, како ваш пријател, сосед, колега, познаник, сонародник, сограѓанин, ве повикувам да уживате во новата година и успесите кои сите заедно ќе ги оствариме и донесеме. А пред се ви посакувам топол дом, многу убави мисли и прегратки, уште повеќе здравје, бериќет и љубов за секој еден од вас. Нека е среќна, весела и радосна новата 2020 година, вели Мицкоски во новогодишното обраќање.

https://www.youtube.com/watch?v=23beMcNDPgI&feature=emb_logo