Заеднички да се спротивставиме на црнилата кои надвиснале над Македонија, порачува денеска до граѓаните, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Денеска 12 декември 2018 година, плоштад ВМРО во 17 часот, протестен марш против власта која ја зацрнува иднината на граѓаните на Република Македонија. На 16 декември 2018-та в недела, протестен марш во Велес. ВМРО било и ќе остане на браникот на Македонија, порача Мицкоски.
Прес-конференција спроти денешниот протест во Скопје одржа и портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
– Нема крај на партизацијата која што оваа црна власт не ја спроведува во македонското општество. Нема крај на девастацијата на Република Македонија која што однародените за една намена нема да ја предизвикаат. Пред неколку дена од тука на прашање од јавноста изразивме сомнеж дали изборот за член на Судскиот совет не е завршен пред време, односно дали не се чува место за Лорета Георгиева од Струмица? И покрај тоа бесрамно беше истуркан изборот на судијката Лорета Георгиева. Имено станува збор за судијка, сопруга на првиот човек на Зоран Заев во Струмица. Ова е очигледна надоградба на нарачаното „Кацарска судство“ и нарачаното „Рускоска обвинителство“ во Република Македонија. Очигледна е задачата, по партиски налог да се казнува и да се разрешува. Задача на Судскиот совет, за појаснување е да избира, унапредува и разрешува судии во сите степени на судството во Република Македонија. Почитувани, ова не е прв скандал на СДСМ, на судството во пупките на СДСМ, поврзано со изборот на сопругата на пријателот на Заев, судијката Лорета Георгиева. Дека нејзиното напредување во кариерата се должи единствено на тоа што е сопруга, потврдуваат и написи и оценки од минатото, кога со судството и Советот раководеше и ги тресеше, Ленче Софрониевска, рече Стоилковски.
И тогаш, додаде тој, токму на инсистирање на Заев како нов градоначалник на Општина Струмица и на Цветанка Иванова, тогаш висок партиски функционер, и пратеник на Републичкото Собрание само таа, сопругата на компањонот на Заев морала да биде избрана за судија.
– И затоа сега, ќе ја прочитам тогашната оценка на проф. Ѓорѓи Марјановиќ кој за изборот на Лорета Георгиева напиша, „Има ли нешто попонижувачко за една жена, некој да сака да ја направи судија не заради нејзините стручни квалитети туку затоа што му е сопруга на човек кој му помогнал на некој си Зоран Заев да стане градоначалник на Струмица“? Очигледно е дека Георгиева напредува само и само кога СДСМ, Заев и Цветанка Иванова имаат моќ во раце. Е па почитувани, тоа се судските реформи на аболицираниот Зоран Заев, така тој ги замислува независното судство и европскиот пат. СДСМ без партиско судство не може да функционира. Со ваков избор може да се очекува на пролет наместо препорака, од Брисел да дојде порака „Со вака избрани судии, вие не сте за Европа, рече портпаролот.
Црнилата, продолжи Стоилковски, кои што секојдневно ги приредуваат од оваа страховлада, ја девастираат државата, црнила ги затвора сите пори на општеството.
– Колку побрзо си заминат, толку побрзо ќе ја вратиме Република Македонија на вистинскиот пат. Затоа приклучете се на протестите попладне, оваа како и секоја среда во 17 часот, заедно да го забрзаме падот на оваа црна влада, да бидеме искрата што ќе ја донесе зората во република Македонија, беше пораката од денешната прес-конференција.