Неиздржани се галите на СДСМ и нивниот градоначалник Златко Марин дека нема законска основа за мораториум на градбите во Аеродром, вели Петар Миовски од ВМРО-ДПМНЕ.
– Конечно го видовме вистинското лице на Златко Марин. Вчера по предлог на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ на дневен ред на седница на Советот на општина Аеродром беше точка за мораториум на постапките за издавање на одобренија за градење на објекти на градежни парцели кои се во границите на деталните урбанистички планови кај „Мајчин дом“ и во Стар Аеродром, како и запирање на сите постапки за изградба на објекти за кои е издадено правосилно одобрение за градење во границите на овие детални урбанистички планови, се до извршување на ревизија од страна на стручните служби на општина Аеродром, се вели во реакцијата.
Марин и советниците на СДСМ со коалицијата, додава натаму, одлучија да не ја поддржат оваа точка и да овозможат изградба на започнатите градби во Аеродром.
– Лицемерно е пред избори да ветуваш мораториум на градби и за само една година да си го погазиш зборот. Неиздржани се лагите на Марин и СДСМ дека нема законски основ за мораториум на градбите во Аеродром. Неиздржани се обвиненијата кон ВМРО-ДПМНЕ од позиција на градоначалник со мандат од една година, кој ништо не преземал за спречување на овие градби. Марин со театрални пресови и интервјуа „бара решение“, и се моли да не го најде. Тоа повеќе не проаѓа. На граѓаните им е и повеќе од јасно дека бизнис интересите се единственото нешто што го интересира Златко Марин, додава Миовски.
Натаму во реакцијата истакнува:
– Лицитирањето со суми за отштета, незнаењето, покажување со прст кон опозицијата се само изговор дека нема решение на проблемот, а вистината е дека од 1 ноември 2017 година, кога Златко Марин ја презема градоначалничката функција, до септември 2018 година, кога издаде одобрение за градење на висококатницата кај „Мајчин Дом“ не се ни обиде да најде решение за проблемот, иако тоа му беше главно предизборно ветување. Аеродромци ќе го паметат Златко Марин како најнеспособен градоначалник на Општина Аеродром, што само за една година си го погази зборот и не исполни ниту едно предизборно ветување, вели Миовски.