(видео) НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Нападнато е Смилево на Даме Груев, а во „Св. Богородица“ кај Берово од громови загинаа 9 лица и 40 беа повредени

/ 28.08.2022

На денешен ден во 1996 година на прослава на православниот христијански празник Успение на Света Богородица, во манастирската црква „Св. Богородица“, кај Берово, од громовите што удриле во масата од 10 до 15 илјади луѓе, загинале девет лица, а 40-ина биле повредени.

Повеќе од две децении се уште останува неразјаснет случајот од трагедијата кога по силното невреме со грмотевици гром удри во дворот на манастирот.

Пред пет години штипската ТВ Стар објави сведочење на пензионираната новинарка Љубинка Клинчарска, која прва ја објавила веста за трагичната прослава на празникот.

– Некои од моите соговорници ги обвинија поповите, бидејќи курбанот беше преместен наместо во среда кога е посно тие го направија во четврток. Па, се толкуваше како божја казна. Но, едно што не ми се допаѓа е дека сите заборавија на жртвите им ветуваа, но за нив ништо не се направи, изјавила тогаш Клинчарска.

Покрај манастирот за Успение на пресвета Богородица и наредните години до ден-денес се собираат илјадници верници, каде во стотина казани се подготвува ручек за прославата за гостите, но на денот на празникот, со што Малешевијата ја продолжува вековната традиција на црковно-народниот собир.

Во видеото (под текстот), објавено од ТВ Стар во 2016 година, е сведечењето Клинчарска за настанот.

Други настани од историјата на денешен ден:

1903: Селото Смилево, Демирхисарско, беше нападнато од многубројна турска војска. Со одбраната на Смилево раководеше Даме Груев, голем македонски револуционер. По жестоката борба турската војска навлезе во селото, го запали и изврши масакрирање на 250 жени и деца во месноста Голем Гар, на Бигла Планина.

1917: Во Прилеп е роден Сотир Гулески, македонски писател и книжевен преведувач. Автор е на романите „Меѓа“, „Прекшен `рбет“, „Кога карпите `ртат“, „Модро млеко“, „Им се суди на дивите ветрови“, на тетралогијата „Фурии“ и на други дела. Умре во Охрид, на 20 јуни 1985 година.

1929: Рударите од рудникот Лојане, Кумановско, стапија во штрајк. Поради тоа овој ден е прогласен за Ден на рударите на Македонија.

1944: Во борбата за ослободување на селото Здуње, кај Македонски Брод, во една јуришна борба против бугарската војска како командант на Петтата македонска бригада загина Илија Игески – Цветан, народен херој на Југославија, од Македонија. Роден е во селото Топлица, Прилепско, во 1920 година.

1968: Во Струга умре Антон Панов, македонски писател, еден од најпознатите македонски драмски автори. Најпознато негово дело е драмата “Печалбари”, објавена во 1936 година. Други негови познати дела се драмите “Вероника”, “Препородени”, “Самракот”, “Градинар” и “Пилекатник”, како и расказите “Роденденот на Серјожа Јегоркин”, “Тимка” и “Го јаделе болви”. Роден е во Стар Дојран, на 13 април 1906 година.

1992: Започнаа натпреварите на Првата македонска фудбалска лига.

1993: Во близина на селото Подвис, Кичевско, е откриена спомен-плоча на прославените војводи од Илинденската епопеја, Наќе и Арсо, а во кругот на црквата во селото Кладник, е откриена спомен-плоча на масовната гробница на 18 македонски востаници.

1993: Во близина на селото Подвис, Кичевско, е откриена спомен-плоча на прославените војводи од Илинденската епопеја, Наќе и Арсо, а во кругот на црквата во селото Кладник, е откриена спомен-плоча на масовната гробница на 18 македонски востаници.

1996: Во Битола, на празникот Успение на Света Богородица, проработи првото црковно радио на подрачјето на Преспанско-пелагониската епархија.

1999: Во сообраќајна несреќа загина македонскиот министер Радомир Стојковски заедо со неговата сопруга, ќерка и возачот, по што норвешките војници во возилото на меѓународните сили одбија да направат алкохол-тест во крвта. Поручникот кој ја предизвика несреќата, во Осло во март 2000 година е осуден на една година затвор.

(Подготвил: Д.Г.)


Од истата категорија