Пред 107 години, на денешен ден, во Кавадарци подмолно е убиен војводата Добри Даскалов, учесник во грабнувањето на Мис Стон, а пред 97 години во Галичник е роден македонскиот златен глас Александар Сариевски, кој пееше за Македонија, за Јане Сандански, за Јордан Пиперката…

На 20 јуни 1912 година, од предавник и врховистички платеник, на подмолен начин е убиен македонскиот револуционер и војвода Добри Даскалов, еден од најмаркантните револуционерни личности во Кавадарци.

Убиството го организирал Милан Ѓурлуков, а тоа било извршено од страна на Крсто Ристов, поранешен четник во четата на Добри Даскалов. Тој го убил Даскалов во моментот кога пред портата на својата куќа ја земал в раце деветмесечната ќерка Невенка.

Даскалов е роден во Кавадарци на 13 ноември 1882 година, во свештеничко семејство. Основното образование и нижа трикласна гимназија завршил во родниот град, а потоа продолжил во егзархиската гимназија во Солун. Од Солун своето образование го продолжил во Самоков, Бугарија, каде, во учебната 1896/1897 година, се запишал на протестантското Железарско училиште, заедно со Петар (Пешо) Самарџиев и Петар Јуруков. Tаму ја започнува својата револуционерна дејност и станува член на револуционерниот кружок „Трајко Китинчев“.

Четата на Добри Даскалов

Даскалов станал член на ТМОРО во 1901 година и бил борец во четите на Јане Сандански и на Христо Чернопеев. Тој учествувал и во грабнувањето на Мис Стон, со која фамилијата Даскалови, како протестантска фамилија од порано имала блиски врски.

Даскалов бил избран за делегат на Солунскиот конгрес, но не учествувал на него. Во Илинденското востание се борел во Тиквешијата, во 1904 година учествувал на Прилепскиот конгрес на ТМОРО, а во 1905 година на Рилскиот конгрес. Во 1908 година учествува на Ќустендилскиот конгрес на десницата на ВМОРО.

По Младотурската револуција, во 1909 година бил еден од основачите на Народната федеративна партија и член на нејзиното централно раководство.

 Гласот од Галичник се слушаше низ светот

На 20 јуни 1922 година во селото Галичник е роден Александар Сариевски, македонски пејач на народна музика и композитор на новосоздадени фолклорни песни.

Средно образование завршил во Скопје, кога и започнал да свири хармоника. Во 1946 година во Македонското радио ја снимил првата песната „А бре невесто око калешо“, а бил и еден од основачите на македонскиот ансамбл „Танец“.

Сариевски се покажал и како успешен композитор, а и текстописец на познатата песна „Зајди, зајди јасно сонце“.

Најмногу ќе остане запаметен по интерпретацијата „Зајди, зајди јасно сонце“ (автор), „Учи ме мајко, карај ме“, „Јовано, Јованке“, „Море сокол пие“, „Дејгиди луди млади години“, „Абер дојде Донке“, „Зајко кукурајко“, „Кандиал Ајрудин паша“, „Оган го гори Брезово“ и многу други.

Во своите песни, тој ги опеал родниот Галичник, невозвратената љубов, печалбарството, а познат е и по многуте хумористични песни. Неговиот музички опус претставува дел од македонското културно богатство. Сариевски, како еден од основачите на „Танец“, со кого патувал насекаде низ светот, го пронесувал гласот за Македонија и го ширел оригиналниот македонски народен мелос.

Сариевски починал на 19 декември 2002 година во Скопје.