Изградбата на автопатот Кичево – Охрид, еден од најзначајните инфраструктурни проекти во Македонија, влегува во завршна фаза. Овој автопат, дел од Коридорот 8, треба да ја подобри поврзаноста меѓу западниот дел на земјата и останатите региони, со што значително ќе се олесни сообраќајот и ќе се забрза економскиот развој.
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, гостуваше на Сител телевизија, каде што најави дека дел од автопатот Кичево – Охрид, на кој се чека повеќе од деценија, ќе биде пуштен пред ова лето. „Зборот стои! Има бројни проблеми, но ги решаваме. Сега ќе има законски измени што ќе ја олеснат изградбата на оваа делница, на владина седница, а наскоро и во Собранието. Пред почетокот на летната сезона ќе пуштиме 40 километри“, изјави Николоски.
Оваа делница опфаќа делот од селото Врбјани до Охрид, со еден пресек кај селото Ботун, каде што има проблеми со косините. Автопатот е долг 57 километри и истиот ќе овозможи побезбедно и побрзо патување меѓу Кичево и Охрид, намалувајќи го времето на возење за повеќе од половина. Со целосното завршување, кое се очекува до крајот на 2025 година, Македонија ќе добие модерна сообраќајна инфраструктура, која ќе биде од клучно значење за туризмот и економскиот развој на регионот.
Инаку во моментов на автопатот Охрид – Кичево на потегот од селото Ново Село до Арбиново се поставуваат еластични огради и се исцртува хорзонтална сообраќајна сигнализација на новиот асфалт. На делницата се работи скоро во цела нејзина должина почнувајќи од Подмоље, потоа кај Требеништа и низ цела територија на општина Дебрца, како и на тунелите и мостовите на територијта на општина Кичево.
Проектот, кој започна во 2014 година, се соочи со бројни предизвици, вклучително геотехнички проблеми, дополнителни градежни работи и финансиски зголемувања. Првично предвидената инвестиција од 374 милиони евра се зголеми на околу 598 милиони евра, а крајниот рок за завршување неколкупати беше пролонгиран, од Министерството за транспорт и врски уверуваат дека оваа сума нема дополнително да се менува, и покрај пролонгирањето на роковите.
Покрај автопатот Кичево – Охрид, се планира и изградба на дополнителна делница од Букојчани до Кичево, со што ќе се обезбеди целосно автопатско поврзување меѓу Охрид, Скопје, Струга и Кичево. За овој проект, обезбедени се 123 милиони евра преку кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), од кои 20 милиони евра се грант средства. Очекувањата се дека оваа делница ќе биде завршена до крајот на 2028 година.