Бараме уште во вторник на седница на Владата да се донесе план граѓаните на Крива Паланка да бидат заштитени, ако не со пратениците на СДСМ ќе покренеме надзорна расправа за кравите во Крива Паланка, истакна денеска пратеникот и поранешен министер и вицепремиер Љупчо Николовски.

Тој говорот на денешниот протест за проблемот со кравите, кои со години слободно шетаат низ Крива Паланка уште од времето кога тој беше министер за земјоделство, вицепремиер за антикорупција, го заврши со „победничка“ порака: „До победа во оваа финална битка“.

Градоначалник на Крива Паланка, и сега и во минатиот мандат, е кадар на СДСМ, кој имаше два мандата за решение на проблемот, а во претходниот мандат ја имаа и централната власт.

За истиов проблем, денеска има реакција и од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Крива Паланка. Еве како тие го гледаат проблемот за кој протестира СДСМ:

Денеска на седницата на Советот на Општина Крива Паланка, градоначалникот и мнозинството во Советот имаа можност да поддржат конкретен и сеопфатен план за решавање на проблемот со неконтролираното движење на добитокот, се наведува во соопштението од објава на „Фејсбук“ на советникот во Советот на Општина Крива Паланка од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ристовски, што МИА го пренесува интегарлно.

Ние не дојдовме со празни политички пароли, дојдовме со конкретен Акциски план со четири оперативни мерки, утврдени рокови, институционална координација, финансиска конструкција и механизам за контрола на реализацијата.

Предложивме каде да се постави прифатниот пункт, како да се организираат теренски екипи, како да се вклучат АХВ, Агенцијата за управување со одземен имот и МВР, како да се обезбеди хуман третман на животните, како да се дезинфицираат јавните површини и како да им се помогне на земјоделците кои претрпеле штети. Предвидовме финансиска конструкција како и 5 члена комисија за надзор и редовно известување на Советот.

И покрај сето ова, градоначалникот и мнозинството го одбија предлогот. Тие денеска пропуштија можност да поддржат конкретен чекор кон решавање на проблемот.

Сега граѓаните имаат право да прашаат: Ако не го прифатија овој план, кој е вашиот план? Кои се вашите конкретни мерки? Кои се роковите? Колку средства сте подготвени да издвоите и кој ќе ја преземе одговорноста за реализацијата?

Не може со месеци да се одржуваат прес-конференции, да се бараат виновници и да се префрла одговорноста на други институции. А кога ќе се понуди конкретен план да се одбива.

Нашата обврска како советници не завршува тука, ќе продолжиме и понатаму да бараме решение на проблемот.

Ние понудивме решение, сега градоначалникот и мнозинството должат одговор, што нудат тие?

Видеото од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ може да го погледнете ТУКА, а видеото од „победничкиот говор“ на Николовски во битката за и против кравите во Крива Паланка може да го отворите ТУКА.