Градоначалничката на Општина Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска вечерва беше дел од традиционалниот годишен концерт на Културно-уметничкото друштво „Китка“ од Драчево, настан со кој овој ансамбл одбележа 58 години постоење и континуирана работа.
Пред присутните во салата, градоначалничката го истакна значењето на ова друштво, кое брои околу 150 активни членови и зад себе има исклучително плодна година со преку 30 хуманитарни и ревијални настапи низ државата, како и успешни меѓународни турнеи.
-„КУД „Китка“ е едно од најзначајните обележја на Драчево и вистински културен бренд на Општина Кисела Вода. Посебна почит и благодарност упатувам до уметничките раководители кои денес го водат овој процес – Билјана Тасевски, професионална играорка и ороводец во ансамблот „Танец“, и Симона Петковска, која работи со најмалата група почетници и со средната група. Секако, голема благодарност и почит и до сите оние кои низ годините наназад биле дел од „Китка“, вложиле свој труд и оставиле силен печат во градењето на ова културно-уметничко друштво. Општина Кисела Вода отсекогаш знаела да ја препознае вистинската вредност. Поддршката што со години наназад ви ја даваме, а која продолжува и денес, не е само обврска, туку наша гордост и инвестиција во зачувувањето на нашиот идентитет. Ќе продолжиме да стоиме зад вас и да ги поддржуваме вашите проекти и патувања – истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
Потоа на сцената настапија ансамблите од КУД „Китка“, кои пред публиката изведоа дел од нивниот богат репертоар на традиционални македонски ора и песни, а целата фестивалска вечер беше дополнета и со настапите на нивните гости : етно фолк составот „Седум осмини“ од Скопје и КУД „Ефрем Каранов“ од Кратово.




