Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија на српската Влада Петар Петковиќ се обрати синоќа на вонредна прес-конференција во врска со тензиите на северот од Косово.
– Како што предупредивме, (Албин) Курти продолжи со незаконските и насилни акции со цел окупација на северот на Косово и Метохија. Околу 300 до 350 полицајци, некои со панцири, како и припадници на специјалните сили РОСУ со полна воена опрема и оклопни возила упаднаа на северот на КиМ. Потоа се распоредија и ја блокираа цела Косовска Митровица, и се стационираа во мешаните населби на северниот дел на Косовска Митровица, рече Петковиќ.
Тој истакна дека тие немаат право да бидат таму, туку само полицијата на директоратот Север.
– Јас ќе повторам особено за оние од Западот дека албанската полиција од југот упадна на северот на Косово и Метохија иако тоа е спротивно на Бриселскиот договор. Тоа сите добро го знаат и сите се прават луди и му дозволуваат на Курти да почнува вакви акции чија цел е да го уништат Бриселскиот договор, рече Петковиќ.
Тој додаде дека „Курти сака да ги протера Србите“:
– Сега, имајќи предвид дека Курти сака да предизвика насилство и да ги протера Србите од КиМ, Белград ќе размисли за враќање до 1.000 припадници на нашите безбедносни сили на Косово и Метохија според Резолуцијата 1244 (на Советот за безбедност на ОН). Нека водат добро сметка тие на Запад, особено менторите на косовската независност, да не бидат изненадени од одлуките на Белград, бидејќи не сме ние тие кои провоцираат и го кршат Бриселскиот договор, туку сето тоа го прави Курти и тоа очигледно некој му го дозволува, рече Петковиќ на прес конференцијата.
Видеото може да го отворите ТУКА.