Се уште е активен шумскиот пожар што избувна денеска над велешкото езеро Младост и во моментов се шири кон селото Новачани.
Сообраќајот од автопатот Скопје – Велес, од клучка Башино село до влез на градот Велес, се пренасочува по регионалниот пат езеро „Младост“ кон Велес поради шумскиот пожар во Велешко.
Како што информираат од ТППЕ Велес за МИА, поради силниот ветер пожарот се раширил во два правца, кон велешкото езеро и кон селото Отовица, каде во опасност биле првите куќи, односно оние што се блиску до железничката пруга.
Во пожарот досега не се зафатени хотелите и куќите од викенд населбата, нема жртви ниту повредени.
Со пожарот е зафатена борова шума, а во неговото гаснење се вклучени екипите на Територијалната противпожарна единица Велес, на кои им помагаат и пожарникарите од Кавадарци, Штип и Свети Николе.