Само ден-два откако Грција го потврди политичкиот пазар за името на Република Македонија, во Северна се вратија смрзнатите прикаски за 500 евра плата, а од јули годинава и приказната за 13-тата плата преку враќање на ДДВ.
Тоа се две топ приказни кои апатичниот граѓанин сака да ги слуша, а власта, пак, ужива да му ги раскажува. И тоа не од устата на било кој, туку лично од премиерот, кој потроши и свои пари за бројчаникот на Палата Македонија, за прецизно да ни означува колку од „украдените пари им се вратени на граѓаните“.
Бројчаникот е смрзнат, не врти, ама сега повторно се вртат приказните за 500 евра и за враќање на процент од ДДВ за секоја смета. Премиерот Зоран Заев вчера во Велес вети дека „железни опинци ќе обуе“ и мора просечната плата да стигне до 500 евра (сега е 399 евра), износот со кој еднаш ги убеди граѓаните да му дадат глас на избори. Ама еве доаѓаат и нови избори, па…
Сега за да биде уште „помрсна“ живеачката во Северна, приказните не запираат на платата од 500 евра, туку се враќа и 13-та плата, односно повраток на процент од ДДВ на секој граѓанин од секоја фискална сметка.
На сите што веруваат во фантастичните политички приказни, и сите што веруваат дека „нема чепкање во Уставот и името“, „департизацијата на државата“, „отвореното судство како пупка“… еве им ја приказната за 13-тата плата (со видео запис) раскажана лично од премиерот Заев.
А тие што изгубиле верба, или никогаш не верувале во преубавите политички прикаски, нека го слушнат барем само аплаузот на публиката која, и покрај се, и натаму ги сака и верува во прикаските за добра ноќ… со просечна 500 евра и 13-та плата.