Низ скопските улици до крајот на годинава треба да почнат да сообраќаат новите 35. екоавтобуси на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ за кои денеска почна постапката за набавка со потпишување Договор за заем од 10 милиони евра од Европската банка за обнова и развој.

Ова ветување стигнува денеска кога Скопје е меѓу трите најзагадени градови во светот.

Ќе се набават нископодни, зглобни и моно автобуси, на компримиран гас, кои треба да ги намалат емисите на јаглерод диоксид за најмалку 15 проценти. Во проектот, со сопствени средства во износ од 1,8 милиони евра, учествува ЈСП.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов по потпишувањето на Договорот најави дека со првата набавка на нови автобуси во ЈСП по седум години целосно ќе се замени застарениот возен парк на ова претпријатие.

– Моите очекувања се дека најдоцна до крајот на оваа година по скопските улици ќе може да се видат новите екоавтобуси кои ќе бидат на еколошко гориво на компримиран гас со ЕУРО 6 стандард на мотори, што значително ќе придонесе за намалување на загадувањето, имајќи во предвид дека со оваа набавка ќе можеме во целост да го замениме застарениот дел од возниот парк на ЈСП, рече Шилегов.

Две третини од планираните нови автобуси ќе бидат зглобни, а останатите стандардни. Одлуката за типот на автобусите е донесена врз основа на податоците од извршените тестирања во текот на минатата година кои покажале дека овие возила се и еколошки и енергетски ефикасни и економски многу исплатливи.

– Речиси и да не го загадуваат воздухот затоа што загадуваат само 10 проценти од тоа што го прават сега дизел моторите во ЈСП „Скопје“. Потрошувачката ќе биде сериозно намалена и се релативно евтини за одржување. Нашите очекувања се дека една година по истекот на грантот ќе имаме направено исплата на автобусите со заштедите што ќе ги направиме во работењето на ЈСП, најави Шилегов.