Американскиот претседател Доналд Трамп преку Твитер му се заблагодари на виетнамскиот народ на срдечното добредојде кое му е приредено, откако претседателскиот авион Ер форс уан слета вчера на аеродромот во Ханој, главниот град на Виетнам.
– Штотуку стигнав во Виетнам. Им благодарам на сите за прекрасниот прием во Ханој. Извонредна маса луѓе и многу љубов, напиша Трамп на Твитер.
Американскиот претседател пристигна во Ханој во вечерните часови по локално време, само неколку часа откако со специјален блиндиран воз пристигна и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.
Овој ќе биде втор самит на двајцата државници, кои првпат се состанаа лани во јуни во Сингапур, кога според оценката на АП не беше постигнат било каков применлив договор, со кој Северна Кореја би се откажала од нуклеарниот арсенал.
Двајцата лидери денеска на самитот ќе имаат состанок „еден на еден“ кој ќе трае 20 минути.
Сите други состаноци кои ќе ги имаат ќе траат околу два часа, пишува во распоредот на Трамп, што го објави Белата куќа.
Според тој распоред, 20-минутниот распоред почнува денеска (среда) во хотелот Метропол во 18,30 часот по локално време, по што следува вечера која ќе трае час и половина, пренесува Ројтерс.
Трамп и Ким ќе се состанат и утре (четврток). Двајцата лидери се сместени во два хотела, Ким отседна во Мелиа Ханој, а Трамп во ЈВ Мериот, пренесува ТАСС.
Спроти самитот медиумско внимание привлекоа превозните средства за кои се одлучија некогашните лути противници – Ким со блиндиран воз, а Трамп со луксузен авион.
Самитот се одржува под силни безбедносни мерки. Околу 170 км пат од железничката станица во Донг Данг, близу до границата со Кина, до Ханој беше затворен за сообраќај за да може непречено да се движи автомобилот на Ким и неговата придружба на последната рута од неколку илјади долгиот пат со возот.
Американските новинари вчера мораа итно да го преселат медискиот центар, кој со денови го опремуваа во хотелот Мелиа. На тоа инсистираше севернокорејската делегација, која го има резервирано истиот хотел.
По краткиот разговор насамо, на Ким и Трамп на вечерата ќе им се придружат по двајца соработници и преведувачи.