Ставен е конечен крај на одмаздничкиот процес наречен „десоросоизација“, со кој беше извршен формалниот институционален напад врз илјадници наши граѓани и врз голем број на граѓански организации во државата, објави денеска Владата.
Тоа на Фејсбук го објави и вицепремиерката Радмила Шеќеринска, соопштувајќи дека е ставен крај на десоросоизацијата во Македонија.
– Во сабота на работа. Да соопштам дека е исправена голема неправда. Ставен е конечен крај на прогонот на граѓанските организации, нарачан во „Ноќта на долгите ножеви“ на режимот на Груевски. Граѓанските организации, за здравјето на општеството, мора да бидат слободни и гласни во пофалбите, но и во критиките на власта, без притисоци. Им благодарам на сите што без страв придонесоа за враќање на демократијата во нашата држава, порача Шеќеринска на својот профил на Фејсбук.