Пратеничката Емилија Александрова успеа, барем засега, да ја симне од тронот својата колешка Мира Дизел во рекордот за исплати за пратенички надоместоци за патување и патарини од Собранието на Република Македонија, односно од џебот на даночните обврзници или едноставно од граѓаните.
Имено, како што објави регионалната ТВ Стар, 7.121 евро за шест месеци за патни трошоци и се исплатени на пратеничката од одметнатата група на ВМРО-ДПМНЕ Емилија Александрова од Берово, стои во извештајот на собраниските служби.
Со овој износ Александрова е најплатен пратеник по овој основ во овој регион. Веднаш до неа е минатогодишниот рекордер Мира Стојчевска од СДСМ и Делчево која лани наплатила 10. 396 евра, а подоцна се прослави со акцизите за дизелот, поради што стана позната како Мира Дизел.
Блиску до нив, но од другата страна на државата се недостижната Бети Рабаџиевска од Ресен со 11.700 инаку пратеник на СДСМ и Алија Камберовски од Струга со 10.355 евра кој е член на ПЕИ.
Иако големи, овие износи се сепак помали од ланските откако Собранието донесе одлука наместо 30, сега исплатата да биде 20 отсто од чинењето на литар бензин по километар.
Вкупно, по основ патни трошоци собранието за лани на пратениците од внатрешноста им исплатило 525. 000 евра.