Металната платформа на Матка, која е диво поставена, веќе е покриена со штици, а фирмата која изнајмува чамци за туристичка прошетка во кањонот најавува дека в лето тука ќе има кафуле, објавија екологистите од Само прашај.

Тие направиле и видео запис за состојбата во овој дел од заштитеното подрачје на Град Скопје.

Инспекторите на Градот Скопје, под чија управа е кањонот, утврдиле дека инсталацијата е дивоградба и и дале препорака на општината Сарај да ја сруши, оти таа е надлежна за тоа.

Нема одговор од општината Сарај дали и кој дозволил да се гради на заштитеното подрачје.

Кањонот Матка е прогласен за споменик на природата и е заштитено подрачје од трета категорија. Тоа значи дека не се дозволени активности кои би ја загрозиле неговата автентичност. Во студија на УНДП од 2010 г. е наведено дека за заштитата на кањонот Матка се грижат 39 институции, но во практика испаѓа дека никој не се грижи.

Граѓаните на Скопје, и пошироко во Македонија, добро се сеќаваат колку „грижа за естетиката“ на градот се „водеше“ пред неколку години, кога имаше протести и гушкања на објекти како што е Градскиот трговски центар, за да се „заштити“ од обнова на фасадата.

Денес, неколку години потоа, ниту институциите, ниту пак гушкачите не покажуваат интерес за заштита на природното богатство и природната естетика на кањонот Матка, кој е споменик на природата.