По речиси десетгодишна изградба, во Шангај во Кина, готов е „земјокодерот“, односно хотел кој е изграден вертикално покрај работ на поранешен каменолом. Хотелот ќе биде отворен во вторник, а како што јави Асошиејтед прес, нуди длабок сон за гостите со длабок џеб.

Изградбата на хотелот висок 88 метри во областа Сонџијанг чини околу 287 милиони долари. Хотелот „Интерконтинентал Шангај воден свет“ познат е и како хотел каменолом Шимао. Во него има соби кои на гостите им овозможуваат поглед во амбисот. Цената за ножевање во апартманите е од 489 до 546 долари.

– Ова е прв пат напуштен каменолом да биде претворен во луксузен хотел под земја, рече британскиот архитект Мартин Џохман, кој е дизајнер на хотелот.

Два од 18 катови на хотелот се над земја, а најнискиот кат е целосно под водата на езерото во каменоломот. Каменоломот бил во експлоатација во текот на Втората светска војна, а затворен е во 2.000 година поради регулативите за заштита на човековата околина.

Реализацијата на проектот е почната во 2006 година, но неговата изградба е одложувана повеќе пати, најмногу поради технички причини, како што се строги прописи во врска со заштита од земјотреси и одржување на нивото на водата.

Претставникот на УНЕСКО, Мајкл Крофт, го оцени хотелот со 336 соби како модел на одржлив развој.

Предвидено е хотелот да издржи земјотрес со јачина од девет степени според Рихтеровата скала.