Кога ќе се измешаат физиката, метеорологијата и наутиката добиваме кандидат за Нобелова награда, кој атмосферскиот талог познат како дожд, го мери како „пороен дожд од 93 литри во секунда, како беше… или метри кубни на час“.
Но, од вчера од премиерот Зоран Заев добивме и ново наутичко откритие – сидро како сила за движење на пловните објекти.
– Конечно да избереме претседател, да ставиме кормило, да поставиме сидро, кое ќе влече напред ќе оди со позасилено темпо, порача Заев на синоќешниот митинг за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски во Скопје.
Патем, сидрото уште се нарекува и котва. Според дигиталниот речник на македонскиот јазик котвата е „железно орудие со свиткани краци што се спушта со синџир на дното, за да го држи бродот на одредено место“.
И според друга дефиниција сидрото е направа која со тежината и обликот се прикачува на дното од морето, езерото или река, за да го држи бродот на едно место.
Сега е појасно зошто тешко ќе стигнеме до 500 евра просечна плата дури и со два пара железни опинци – затоа што сидро ни е движечката сила.