Викарот на архиепископијата на францускиот главен град Филип Марсе се присети на на првите минути од пожарот во катедралата Нотр Дам во Париз.

Кога почнал пожарот, Марсе се наоѓал во неговата канцеларија.

„Вечерната служба започна околу 19.30 часот. Огнот веќе избил, но никој не знаеше за тоа. Немаше никаква паника кога луѓето заминуваа од мисата. Неколку минути подоцна, почувствувавме чад, и гледајќи ја катедралата, видовме оган на сводот, таму каде што се е од дрво. Веднаш излегов на улица и реков: „О, Господи!” Се сеќава свештеникот.

„Потоа дојде градоначалничката на Париз Ан Идалго, а подоцна и Макрон. Тој повеќе сакаше да биде на самото место, наместо да добива информации од други. Мислам дека неговиот инстинкт беше предизвикан од силни емоции. Она што тој го рече на самото место беше многу потресно”, додаде Марсе.

Свештеникот потсети дека кај Католиците е во тек Страдалната седмица, која му претходи на Велигден.

„Неколку дена подоцна ќе го прославуваме Христовото воскресение – централниот настан на нашата вера. Кога го видов вчера крстот во внатрешноста на катедралата, осветлен со оган, тоа беше олицетворение на тоа што се случува со нас: крст во оган, статуа на Богородица и пламен “, рече викарот.

Тој повика во случајот да не се бара тајната смисла и изрази надеж дека тоа е „несреќен случај, а не намерна акција”.