Прилеп денеска и утре е домаќин на вториот Светски куп во летање дронови. На спортските терени во Паркот на Револуцијата, 16 натпреварувачи-пилоти од четири земји Србија, Бугарија, Чешка и од Македонија се натпреваруваат да остварат најдобро време во летовите со дронови.
Според Здравко Тодороски од Воздухопловната федерација на Македонија и претседател на прилепскиот клуб „Фил-Феникс“, терените во Прилеп се докажаа дека се одлични за вакви натпреварувања кои се најнови во Меѓународната воздухопловна Федерација.
– По октомври лани повторно во Прилеп се собрани дел од најдобрите пилоти со дронови и задоволство е да се биде домаќин. Дронот е модерно летало кое бара големо познавање на аеродинамиката и механиката, а секако ги надминува очекувањата зашто навлегува во виртуелната реалност. Тоа е нова дисциплина во меѓународната воздухопловна федерација и зема замав, вели Тодороски.
Александар Стојановиќ од Белград, Србија рече дека Македонија е напредната пред Србија во овој вид спорт. Ова е модерен спорт кој допрва го освојува Балканот.
– Летањето дронови е еден од најмодерните и најадреналински спортови на денешницата. Не е од најскапите спортови. Потребни се барем 500 евра за опремата. На Балканот е во развој, а Македонија е пред Србија. Се надевам дека се почесто ќе доаѓаме на меѓународни натпреварувања во поголем број, вели Стојановиќ.
Златко Рав од Бугарија две години се занимава со овој модерен спорт и сам конструира летала.
– Летањето со дронови носи многу адреналин. Интересно е самото конструирање на леталото. Јас тоа го правам сам, зашто работам со електроника, вели Рев.
Меѓународниот судија Сотир Лазарков смета дека теренот во Прилеп е одличен и очекува се повеќе учесници догодина.
– Ова е модерен спорт кој брзо се развива, особено последните три години. Се очекува да биде како „Формула еден“. Како реална виртуелност е. Натпреварувачите преку очила поврзани со камерата на дронот го управуваат летањето. Треба да извозат три круга без да промашуваат. Овде терените се идеални и се надевам в година ќе има 40-ина натреварувачи од 10-ина земји, нагласува Лазарков.
Во текот на утрешниот ден се најголемиот дел од натпреварувањата и прогласувањето на победниците во летање на дронови.