Македонскиот народ и граѓаните на Македонија, по се изгледа, побрзо ќе добијат нова Влада отколку решавање на проблемот со млаките радијатори на кои се жалат голем број корисници на услугата на топлификацискиот систем и пожешките цени на струјата, греењето и ред други производи, што зимава им ги донесе владеењето на претходниот владин состав, предводен од премиерот во оставка, Зоран Заев.
Наследникот на Заев, мандатарот Димитар Ковачевски вчера до претседателот на Собранието, Талат Џафери го достави Предлогот за состав на нова влада и Предлог-програмата за нејзината работа, по што собранискиот спикер за в сабота во 11 часот закажа седница на Парламентот со единствена точка на дневниот ред – Избор на Влада на Република Македонија.
Собраниската расправа за избор на нова влада трае најмногу два дена, а за изборот на владиниот состав се гласа по нејзиното завршување, односно најдоцна до 24 часот вториот ден или во случајов во недела до полноќ. Владата е избрана ако за неа гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници во Собранието.
Согласно собранискиот Деловник, мандаторот ја образложува програмата и предлогот за состав на владата на седницата на Собранието на која се врши нејзиниот избор. По програмата на мандаторот и предлогот за состав на владата, Собранието води единствен претрес. Во Деловникот е предвидено дека редоследот на пратениците кои ќе учествуваат во претресот го утврдува претседателот на Собранието на начин кој обезбедува учество на пратеници од различни политички партии застапени во Собранието. Гласањето за избор на Владата се врши по предлогот за состав на Владата во целина, со јавно гласање.
По доставувањето на предлозите до Џафери, Ковачевски изјави дека владината Програма е континуитет на изборниот легитимитет којшто е добиен на изборите во 2020 година, со тоа што во неа се вградени и економски определби на новиот коалициски партнер Алтернатива, како и новите програмски цели произлезени од новите предизвици.
Тој најави дека главни приоритети на неговата влада ќе бидат справување со енергетската криза, задржување на животниот стандард на граѓаните и на компаниите во светло на економската криза, имплементирање на големите инфраструктурни проекти предвидени со Буџетот за 2022 година и на законските решенија одобрени во Собранието, како и евроинтеграцијата на земјава.
– ЕУ е наша стратешка цел и ние заслужуваме отворање на преговори со ЕУ, што е резултат и на четирите последователни позитивни извештаи од страна на ЕК. „Отворен Балкан“, исто така, е адресиран во Програмата, бидејќи сметам дека регионалната соработка која што се базира на европски вредности и која што заснова на четирите слободи на ЕУ исто така е застапена и ќе продолжиме кон таа регионална соработка, рече Ковачевски.
Во контекст на евроинтеграцијата, тој ги нагласи и заложбите за дијалог со Бугарија, кој ќе биде насочен кон иднината, кон проекти коишто значат подобро поврзување на граѓаните, на економиите, на културата помеѓу државите и на градење на една таква соработка и враќање на довербата за може да се дојде до заеднички прифатливо решение.
– Тоа решение мора да се базира на европски вредности, кое што ќе го задржи достоинството на граѓаните на двете држави и ќе овозможи Северна Македонија конечно да го добие датумот за првата меѓувладина конференција, потенцира Ковачевски.
Мандатарот нагласи дека при изборот на членовите на неговиот владин кабинет се водел од принципите на „исполнување на обврските, капацитетот на личностите коишто го имаат и на перформансите што ги имале во изминатиот период на водење на одредени ресори“.
– Предлогот беше таков што имаме нови министри што ќе преземат одредени ресори, имаме ротации на министри коишто од еден одат во друг ресор. Прво, заради тоа што дел од нив се покажале како ефикасни и ефективни во извршувањето на своите задачи кога го извршувале тој ресор во една од изминатите влади. Во друг случај кога одреден министер сметам дека според неговите професионални перформанси, според неговите академски остварувања и според минатото искуство одговара повеќе на друг ресор. Во однос на одредени решенија коишто остануваат во истите ресори, тоа е затоа што врз основа на направена анализа се гледа зголемување на перформансите во министерствата каде што управувале, се гледа дека ги имаат подигнато стандардите на работење и ги имаат реализирано делот на оперативните и делот на капиталните инвестиции на високо ниво во однос на планот којшто го имале во текот на 2020 и 2021 година, рече Ковачевски.
Во новата влада на Ковачевски за министри без ресор се предложени досегашниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи, досегашниот министер за правда Бојан Маричиќ, а нови имиња се Славица Грковска и Џемаил Чупи.
За министер за одбрана е предложена Славјанка Петровска, а со ресорот правда треба да раководи Никола Тупанчевски. Во Министерството за внатрешни работи останува досегашниот министер Оливер Спасовски, а функциите ги задржуваат и министрите за надворешни работи, за транспорт и врски, за финансии и за економија, Бујар Османи, Благој Бочварски, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши. Со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и понатаму ќе раководи Артан Груби.
Според предлогот на мандатарот, со Министерството за здравство ќе раководи Беким Сали, со Министерството за земјоделство Љупчо Николовски, со Министерството за образование и наука Јетон Шаќири, со Министерството за труд и социјална политика Јована Тренчевска, со Министерството за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и со Министерството за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Во Министерството за локална самоуправа останува и понатаму Горан Милевски, а нема промени и во Министерството за животна средина и просторно планирање каде останува досегашниот министер Насер Нуредини.
Во коментар за составот на новата влада, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски оцени дека во неа се наоѓаат „истите ликови чии политики беа поразени на последните локални избори, но и ликови кои што воопшто не се впечатливи“. Тој во изјава за „Дојче Веле“ нагласи дека оваа влада ќе биде само континуитет на претходната Влада на Заев „без нова свежина и енергија, без план и стратегија“, повторувајќи го ставот на ВМРО-ДОМНЕ дека „единствен излез од сегашната криза се нови предвремени парламентарни избори“.
– Излезот е избори што побргу, сериозни реформи за излез од кризата и борба за нова иднина, додаде Мицкоски.
Неговиот заменик, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски смета дека се работи за влада на „поразени политичари кои економски и криминално ќе ја доуништат Македонија“. – Се работи за влада на континуитет, а никаква нова влада. Влада во којашто доминираат Зоран Заев, Оливер Спасовски и политичката партија ДУИ, оцени Николоски.
Во реакција на ваквите коментари од лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ нагласи дека новата Влада значи ефикасност во работењето, одговорност и посветеност во решавањето на сериозните предизвици кои се пред граѓаните.
– Покрај докажани кадри од претходниот состав на Владата, речиси 70 отсто од министрите од редовите на СДСМ се нови, компетентни лица, подготвени да ја преземат одговорноста во соодветните ресори. СДСМ покажува капацитет за промени, за уште подобро да им служи на граѓаните, оцени СДСМ.
Според партијата, ваквите реакции на ВМРО-ДПМНЕ покажуваат дека очигледен е стравот и нервозата во опозициската партија од нивниот дебакл при обидот за формирање ново парламентарно мнозинство, па затоа секојдневно пласираат лажни вести и неосновани напади кон претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски и неговиот тим.