Анексија на Гренланд од страна на САД во моментов е единствениот начин за справување со долгорочните безбедносни ризици околу овој остров покриен со мраз, кој му припаѓа на Кралството Данска, изјави висок американски функционер.

– Сè уште сметаме на тоа како на најдобар начин да се задоволат одбранбените потреби на НАТО во однос на Гренланд – им изјави тој на новинарите пред самитот на НАТО кој утре и задутре ќе се одржи во Турција. Сепак, тој додаде дека се разгледуваат и други опции, иако не прецизираше кои се тие, пренесе ДПА.

Високиот владин функционер укажа на интензивната поморска активност во регионот околу Гренланд и истакна дека американскиот претседател Доналд Трамп бара решение кое ќе трае и по неговиот претседателски мандат.

– И досега, единственото решение што го најдовме за тоа како да се реши ова прашање е Соединетите Држави да го анектираат Гренланд – рече функционерот.

Претходно годинава, Трамп отворено се закани дека ќе го преземе стратешки важниот арктички остров, со што не само што се оддалечи од сојузникот во НАТО, Данска, туку предизвика и сомнежи во кохезијата на најголемиот светски воен сојуз и во меѓусебната лојалност во рамките на Алијансата. Неговото оправдување беше дека во спротивно територијата што ѝ припаѓа на Данска нема да биде безбедна од Русија и Кина, па затоа претставува проблем за американските безбедносни интереси.

Подоцна, Трамп ја повлече заканата за евентуална употреба на воени средства и се откажа од најавата за казнени царини против Германија и другите европски земји доколку не се согласат да му го продадат островот на САД. Сепак, тој остана на своите претензии кон островот. Владите на Данска и Гренланд цврсто го отфрлаат припојувањето кон САД. Тие сега започнаа разговори со администрацијата на Трамп со цел да се најде компромис.

Фото: Архива