Претседателката на Косово, Вјоса Османи се сретна во Костарика, каде што престојува во официјална посета, со потсекретарката на САД за граѓанска безбедност, демократија и човекови права, Узра Зеја, соопшти денеска кабинетот на Османи.
На средбата, се вели во соопштението, станало збор за прогресот на Косово во исполнувањето на преземените обврски во рамки на Самитот за демократија, како и за интензивирањето на соработката меѓу Косово и САД.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Османи на средбата, одржана на форумот „Година на акција во рамки на Самитот“, изјавила дека Косово „продолжува да стои на линија со сојузниците во одбрана на демократските вредности“.
– Во ова време кога демократиите во целиот свет станале директна мета на авторитарните тенденции кои се постојано во подем, Самитот за демократија е платформа која ги обединува земјите од сите страни на светот во нивните напори за консолидирање на демократските вредности и нивно натамошно промовирање и јакнење, се цитира Османи во соопштението од нејиниот кабинет.
Османи во Костарика престојува на покана на нејзиниот колега, Карлос Алврадо Кесада, и ќе учествува на церемонијата на инаугурција на новиот претседател на таа држава, Родриго Чавез.
Претходно косовската претседателка престојуваше во Панама, каде што во петокот учествуваше на свеченоста на откривањето на споменикот на Мајка Тереза.