Претседателката на Косово, Вјоса Османи го прими денеска командантот на Командата на заедничките сојузнички сили на НАТО во Наполи, адмиралот Стјуарт Б. Манч, кому се заблагодари за постојаната поддршка од Алијансата за зачувувањето на стабилноста и мирот во Косово и во регионот, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што соопшти кабинетот на Османи, таа на средбата со Манч нагласила дека косовските институции остануваат посветени на соработката со НАТО и КФОР против ризиците по безбедноста, како и за придонесување за зачувувањето на мирот и безбедноста на целата косовска територија.

– Претседателката Османи го запозна адмиралот Манч дека Безбедносните сили на Косово (ФСК) се во транзиција и професионално се развиваат согласно стандардите на НАТО. Претседателката Османи нагласи дека ФСК му овозможува на Косово да биде активен придонесувач во рамките на регионалната и глобалната безбедност, се наведува во соопштението.

Косовската претседателка го повтори ставот дека Косово е целосно на линија со санкциите на Европската унија и САД против Русија.

Адмиралот Манч денеска ќе ја води церемонијата на примопредавање на командата на мисијата на НАТО во Косово – КФОР, при што унгарскиот генерал Ференц Кајари ќе му ја предаде должноста на новиот командант, италијанскиот генерал-мајор Ангел Микел Растуќи.