Владата на Република Македонија синоќа ја одржа 84-тата редовна седница која беше посветена на статусот на реализација на активностите на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022 на предлог на Министерството за информатичко општество и администрација.

На седницата, како што соопшти владината прес-служба, беше разгледана анализата за хоризонталната функционална поставеност на министерствата и институциите која ја подготвија проектните експерти спроведена во рамките на двегодишниот ИПА проект „Поддршка кон државната реорганизација“, финансиран од Европската Унија.

Структурираните оценки и мислењата во врска со анализата, која предвидува рационализација на бројот на институциите во државната управа, како и предлози за нивна поголема ефикасност, ќе бидат презентирани пред Советот за реформи на јавната администрација кој пак на Владата ќе ѝ ја предложи конечната верзија за реорганизацијата на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби, како една од најважните активности во процесот на пристапување во Европската Унија.

На оваа седница Владата ја усвои и Информација за испраќање припадници на Армијата на Република Македонија за учество на вежбата „Зад хоризонтот 21“ (Beyond Horizon 21), во Бугарија, на која покрај земјата домаќин ќе учествуваат и припадници на армиите на Романија и Грција.