Македонија не очекува зголемен прилив на бегалци од Украина, но и покрај тоа, Владата е подготвена за можен бегалски бран. Шефот на дипломатијата Бујар Османи вчера кажа дека во државава нема поголема динамика на влез на украински државјани како што имало пред војната и оти не очекува голем наплив украински бегалци во земјава, но, како што нагласи, ако тоа се случи не се исклучува можноста и за креирање импровизирани капацитети за згрижување.
Османи вчера пред Владата ги презентираше податоците добиени од државните институции за капацитетите за сместување на бегалци кои би дошле од Украина, но и плановите и задолженијата за сите институции кои би биле вклучени во процесот. Според него, засега нема зголемена бројка на украински државјани кои влегле во земјава од претходно, а ниту еден кој влегол не побарал статус на бегалец.
– Има влез на украински граѓани, но нема поголема динамика од што имало претходно пред војната. Тоа се нормални влегувања на луѓе по број не поголеми од претходните. Некој да побарал статус на бегалец немаме таков случај, но мора да бидеме подготвени на тоа, рече Османи на редовниот неделен брифинг со новинарите.
Тој посочи дека нема да одбиеме ниту еден украински бегалец кој ќе стигне на граница, туку напротив, ќе биде примен со сите аспекти на хуманитарно згрижување на бегалците. Османи нагласи дека предвид може да се имаат и искуствата од земјите од ЕУ, каде, како што рече, голем број граѓани се пријавуваат да ги згрижат бегалците во своите домови.
– Не очекувам во овој период дека ќе има голем бран, бидејќи тие одат во други држави во соседството на Украина, но бројките се зголемуваат и се стасува до бројка од три до четири милиони украински граѓани кои ја напуштаат Украина. Затоа ние треба да бидеме подготвени, истакна министерот за надворешни работи.
Тој информира дека покрај табелата на сите капацитети кои ги предложиле министерствата, на седницата на Влада ќе ги презентира и задолженијата на здравствените институции и она што тие треба да го направат во однос на згрижување на бегалците ако за тоа има потреба, но и задолженијата за другите институции кои треба да се грижат за нив.
Министерот Османи вчера исто така информира дека уште осум граѓани од кои четворица наши, а четворица украински државјани, но во роднинска врска со нашите, бараат да бидат евакуирани од Украина.
– Од 120-те мапирани и контактирани наши граѓани, околу 80 проценти се веќе евакуирани, останати се осум граѓани коишто бараат евакуација, а се се уште во Украина. Од нив четворица се наши државјани, четворица се украински државјани, но во роднинска врска со нашите. Има и други наши граѓани околу 20, но тие не бараат евакуација, посочи Османи.
Тој додаде дека се обидуваат да ги евакуираат овие осум граѓани, а за останатите 20, како што рече, нема да прават напори да ги евакуираат се додека не добијат барање од нив дека сакаат да бидат евакуирани.
Во меѓувреме, Владата синоќа ја разгледа и усвои Информацијата за потенцијалните сместувачки капацитети на државните органи за прифаќање на лица од бегалска криза предизвикана од воените дејствија во Украина.
Владата ги задолжи МНР, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата да ги продолжат активностите поврзани со утврдување на капацитетите за сместување и да ги подготват сите активности за организирано прифаќање и згрижување на лицата кои ќе пристигнат во земјата како резултат на бегалската криза заради војната во Украина.
Министерот за здравство Беким Сали, во интервјуто за МИА, во однос на руско-украинската криза, нагласи дека засега нема наплив на мигранти од Украина во нашата држава и тие кои се во помал број, се згрижени. Тој изјави дека досега немаат ни најава за пристигнување на некој одреден број мигранти, меѓутоа, како што вели, како Министерство се организирани и подготвени за пречекување.
– Досега не сме имале некоја посебна потреба од итна здравствена услуга, освен раѓањето на едно девојче во Гинеколошката болница во Чаир. Тоа е единствената услуга засега што сме ја пружиле на мигрант. Досега немаме ни најава за доаѓање, за пристигнување на некој одреден број мигранти. Меѓутоа, сепак ние како Министерство сме организирани и подготвени за пречекување. Неколку болници сме ги назначиле како „црвени зони“, односно точки каде што би можеле да пристапуваат евентуално новодојдените мигранти и сметам дека сме доволно подготвени за пречек, рече тој.
Речиси три недели по инвазијата на Русија врз Украина, бројот на Украинци кои избегаа во странство изнесува речиси три милиони луѓе, соопшти УНХЦР.
Околу 2,95 милиони луѓе досега ја напуштиле Украина, покажаа податоците на Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР). Таа ги базира своите планови за помош на четири милиони бегалци, но наведе дека бројката најверојатно ќе се зголеми.
По неделниот руски напад врз воената база Јаворив во близина на Лавов, некои луѓе од западна Украина сега се приклучија на бегалскиот проток преку граница.