Одлука со којашто се намалуваат коефициентите за пресметување на платата на функционерите кои ги именува Владата е донесена на вчерашната владина седница.
Како што синоќа информираше владината прес служба, со Одлуката се намалуваат коефициентите на платите на именуваните функционери во Владата, националните координатори и други функционери, директорите и други именувани лица на органи во состав на министерствата, директорите и други именувани лица на самостојните органи на државната управа, раководните лица во управните организации, агенции, фондови и други правни лица основани со посебни закони, казнено-поправни установи.
– Станува збор за усогласување на коефициентите на именуваните лица од страна на Владата согласно Законот за изменување на законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на РС Македонија“ бр.51/24), којшто предвидува промена на коефициентите по коишто се пресметува платата на избраните и именуваните лица, се наведува во соопштението.
Донесената одлука, велат од Владата, нема да предизвика дополнителни финансиски импликации на Буџетот на државата.
Како што е познато платите на функционерите со одлука на Уставниот суд лани беа качени за 78 проценти.
Фото: Влада