Премиерот Христијан Мицкоски смета дека реализацијата на проектот „Чебрен и Галиште“ е стратешки проект не само за Македонија како држава туку и за регионот. Освен зголемувањето на производството на енергија, смета дека можеби многу поважно е и што со него ќе се создадат два резервоари на пивка вода. Затоа, вели, државата треба да се обиде да смогне сили и сама да го финансира овој проект по неколку неуспешни обиди за приватни партнерства и тендери. Според него, можеби ова е амбициозна најава, но не и невозможна и, како што нагласува, многу блиску се до конечна одлука државата сама да го гради овој проект.

– Една од иницијативите што ја имаме е сами како држава да го градиме целиот тој комплекс на централи на реката Црна над постојната Тиквеш, во јавноста познат како проект „Чебрен и Галиште“. Направивме пресметки и цениме дека ова е стратешки проект не само за Македонија како држава туку и за регионот – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по поставување камен-темелник на доградба на училиште во Ѓорче Петров.

Досега, вели, имало многу неуспешни тендери, обиди за приватни партнерства, процеси поврзани со многу сомнежи.

– ​Доколку успееме да формираме синдикат на меѓународни финансиски институции, а разговорите се во таа насока, тогаш реално е да се очекува дека в година ќе ставиме камен-темелник на овој, би рекол, историски проект. Има многу причини за кои верувам и јас и колегите во Владата и во компанијата АД ЕСМ, поранешна ЕЛЕМ, дека треба да се обидеме, народски кажано, да стиснеме заби да го изградиме сами овој проект. ​Имајќи ги предвид климатските промени, убеден сум дека не само на Македонија како држав, туку и во регионот ќе им требаат два резервоари за пивка вода. А токму тие се тие акумулации, таков тип на резервоари, така што производството на електрична енергија можеби и не е примарен предизвик, можеби терцијален или четврти по ред – рече премиерот Мицкоски.

​Тој додаде дека овие количини вода, имајќи предвид оти од постојната хидроцентрала „Тиквеш“ се наводнуваат некаде речиси 60 илјади хектари земјоделско земјиште, а фармерите од тој регион најмногу се занимаваат со производство на грозје, на вино… само може да го помогнат тој процес, па дури потоа да се зборува за производство на електрична енергија.