Владата првпат во историјата на Република Македонија како стратегиски приоритет го стави аерозагадувањето и борбата против аерозагадувањето.
Во координација со сите општини во Скопје на дневна основа се преземаат конкретни мерки за да се намали аерозагадувањето. Во овој момент тоа се краткорочни интервентни мерки. Државниот инспекторат и Градскиот инспекторат се на терен, индустриските комплекси во Скопје се мониторираат постојано, тие работат со филтри.
Ова денеска го истакна портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, кој посочи дека парите кои се определени за справување со загадувањето не се на долг рок, а мерките кои ги преземаат се секојдневно видливи.
– Целосно се сложуваме со граѓаните дека состојбата е таква каква што е, но и ние го дишеме истиот воздух и секојдневно се бориме со проблемот. Веќе во неколку наврати во неколку општини се лоцирани диви депонии во кои се користи гума како гориво за греење во оваа грејна сезона. Над два тона гума е запленета и таа нема да се користи. Интервентни мерки постојат на ниво на Град Скопје. Во централното градско подрачје е забранет дотур на роба во утринските часови. МВР со Градот Скопје се на терен секој ден и веќе имаме измена на греење во неколку училишта кои наместо со цврсто гориво мазут ќе се греат на пелети, рече портпаролот на Владата.
Најави дека до крајот на годинава уште неколку установи во сопственост на државата и училишта ќе преминат на греење со природно гориво што помалку загадува.
– Државниот инспекторат и Градскиот инспекторат се на терен. Индустриските комплекси во Скопје се мониторираат постојано, тие работат со филтри. Минатата недела беа поканети сите медиуми во Усје и отворени се за комуникација со јавноста. Се работи, но сепак ситуацијата е таква каква што е, видлива е, сите живееме со неа секој ден, но факт е дека се работи. Телефонските броеви за пријавување загадувач функционираат, додаде Бошњаковски, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата на министерот за здравство Венко Филипче и д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје.