Владата на вчерашната седница ги усвои измените на Уредбата за доделување на техничката поддршка во земјоделството и руралниот развој, со што се додаде нова подмерка „Услуги за авионско засејување на облаците за превенција од природни непогоди и неповолни климатски настани врз земјоделски посеви“.
Како што појаснуваат од МЗШВ, станува збор за нов систем за заштита од временски непогоди што предвидува контрола на климатските услови преку таканаречено засејување. Тоа подразбира надлетување на небото на територија на Македонија со специјално опремени авиони што ќе испуштаат раствор за спречување на формирање мраз во облаците. Со овој вид заштита од природни климатски непогоди како што е градот се постигнува најефикасен систем за превенција и неколку кратно поекономичен систем од старите ракетни системи.
Во текот на изминатиот период МЗШВ направи повеќе истражување на различните типови на заштита и консултации со релевантни страни, при што се дојде до заклучок дека ваквиот тип на заштита е најпрецизен и економски исплатлив затоа што не бара сериозни инвестиции во комплексни системи какви што се денешните за кои никој не може да гарантира висок процент на заштита, односно досегашните алтернативните системи за справување со природни непогоди (град) предвидуваат испукување на ракети од земја кон облаците и во повеќе случаеви се имаат докажано како неефикасни.
Овој период беа одржани неколку консултативни работни состаноци со УХМР за спроведување на целата постапка. Откако Владата ја усвои одлуката, сега УХМР ќе спроведе јавна набавка за избор на компанија за услуги за авионско засејување на облаците за превенција од природни непогоди и неповолни климатски настани врз земјоделски посеви.
Проценетата вредност за набавка на услугите е 90 милиони денари, што е неколкукратно поекономично од инвестициите во ракетен систем чија проценета вредност за инсталација и одржување е еднократна инвестиција од 1 милијарда и 200 милиони денари и дополнителни трошоци за одржување и набавка на материјали од 300 милиони денари на годишно ниво.
Поради сѐ позачестените негативни последици од климатските промени и појава на град, Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, интензивно работи на мерки со кои што ќе се заштити земјоделското производство од штети од временските непогоди, конкретно од град, и овој нов систем е само дел од мерките за заштита од временски нпогоди.
Инаку, и натаму на земјоделците на располагање им стои мерката од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година за кофинансирање на трошоците за премијата за осигурување за надоместок на штета врз земјоделското производство во висина од 60 отсто. Вкупната сума во Програмата за оваа намена е 70 милиони денари. Дополнително, МЗШВ работи и на нов модел за зголемување на осигурувањето на земјоделското производство.