Владата на синоќешната седница донесе Одлука за определување обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите, според определен редослед, базирана на законски основи која е предвидено да се применува до 31 мај 2023 година.Со Одлуката, како што соопшти владината прес-служба, се определува обврска на трговците кои претставуваат правни и физички лица, кои се регистрирани за вршење на трговска дејност во соодветен регистар согласно со закон, како и трговците кои претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење на производство, кои своите производи ги продаваат на пазарот во сопствени продавници или на други трговци на големо и мало со прехранбени производи, да прибавуваат и/или да продаваат леб бел и полубел (сечен на парчиња или цел).-Трговците кои претставуваат правни и физички лица, кои се регистрирани за вршење на трговска дејност во соодветен регистар согласно со закон, согласно владината одлука, имаат обврска во структурата на дневната набавка на сите видови леб, да прибавуваат и да продаваат најмалку 80 проценти од белиот и полубелиот леб (сечен на парчиња или цел). Трговците кои претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење производство, кои своите производи ги продаваат на пазарот во сопствени продавници или на други трговци на големо и мало со прехранбени производи, имаат обврска да го произведуваат и да го ставаат во промет белиот или полубелиот леб (сечен на парчиња или цел), во количина од најмалку 80 проценти од производството на овој леб во месец декември, 2022 година.Трговците посочени во оваа Одлука, за испорачаните видови леб посочени исто така во Одлуката, на производителот на лебот треба да му платат најдоцна во рок од 20 дена од денот на приемот на фактурата за испорачаниот леб.Одлуката е во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на РС Македонија“.-Во образложението на Одлуката што ја предложи Министерството за економија, е наведено дека според членот 29 став 1 алинеја 2 и 3 од Законот за трговија, Владата може привремено да го ограничи вршењето на трговијата, во случај на сериозни пореметувања на домашниот пазар поради недостаток на стоки неопходно потребни за производството, преработката и за животот и здравјето на граѓаните и нарушување на домашниот пазар заради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки. Имајќи го предвид наведеното, според членот 30 став 1 алинеја 6 од Законот за трговија, Владата може да определи обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите, според определен редослед, се наведува во соопштението.Врз основа на извршениот надзор од Државниот пазарен инспекторат, Министерството за економија соопшти дека се утврди сериозни пореметувања на домашниот  пазар во Скопје и Тетово, поради недостаток на леб бел и полубел (сечен на парчиња или цел), за кои Владата донесе Одлука за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, којашто стапи на сила на 28 февруари 2023 година.

На одлуката од Владата одговорија и производителите:

Во текот на денов се очекува да биде соопштен ставот на пекарите по синоќешната Одлука за определување обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед, со која производителите на леб се обвзуваат да го произведуваат и да го ставаaт во промет лебот со замрзната цена, во количина од најмалку 80 отсто од производството во декември 2022 година.

Одлуката ја сподели министерот за економија Крешник Бектеши на својот официјален фејсбук профил, а, меѓу другото, предвидува и обврска за трговците на мало кои продаваат леб во структурата на дневната набавка на сите видови леб да имаат најмалку 80 отсто од лебот со замрзнатата цена.

-Денеска во Стопанската комора ќе има прес-конференција на која ќе го соопштиме ставот, велат за МИА утрово претставници од пекарската индустрија.

Вчера пекарите рекоа дека останува во сила нивната одлука од понеделникот, да не испорачуваат бел и полубел леб во продавниците.

Владата во вторникот ја донесе Одлуката да се замрзне цената на белиот и полубелиот леб до 450 грама на 33 денари. Причината за оваа мерка, како што објаснија премиерот Димитар Ковачевски и министрите за економија и за земјоделство, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски, е неисполнувањето на договореното од страна на компаниите по испораката на субвенционираната струја, како и заштита на „џебот“ на граѓаните.