Република Македонија со секој изминат ден станува сé повеќе држава со изразени автократски тенденции, се истакнува во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ во врска со одбивањето да се одржи редовна седница на Собранието посветена на пратенички прашања.
– На денот кога претседателот на Собранието Талат Џафери го одбива барањето на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за одржување на седница за пратенички прашања, Владата ги информира граѓаните дека ќе одржи седница. Ваквата ситуација подразбира дека Талат Џафери, надвор од секој закон и спротивно на здравиот разум, му го одзема правото на Собранието да ја врши уставно – утврдената контрола врз Владата со аргумент дека таа влада не функционирала, меѓутоа, истовремено, овој аргумент е силно демантиран од самата влада која информира дека денес ќе одржи седница на која ќе усвои одлуки кои ќе се однесуваат на сите граѓани. ВМРО-ДПМНЕ ја потсетува македонската јавност дека власта на ДУИ и СДСМ во континуитет ја девалвираат уставно – утврдената позиција на Собранието, почнувајќи од прогласувањето на вонредната состојба во 2021 година, преку тоталитарниот однос со непочнувањето на Уставот и Деловникот во однос на седницата за гласање за доверба на владата, на 11 ноември 2021, а завршувајќи со последното недозволување да се одржи седница за пратенички прашања, на крајот од оваа година, се вели во реакцијата.
Опозициската партија му порачува на Џафери да ја прекине личната сервилност кон Заев.
-ВМРО-ДПМНЕ му порачува на Претседателот на Собранието Талат Џафери да прекине со ваквата лична сервилност кон Зоран Заев преку свесното рушење на уставно утврдените механизми за контрола на законодавната врз извршната власт, бидејќи забрзано ја носи ја државата кон автократски режим управуван од ДУИ и СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ го потсетува Талат Џафери дека сталинизмот и комунизмот во кои тој израснал и очигледно се инспирирал, се идеолошки концепти кои одамна се надминати и дека за овие незапаметени преседани на девалвирање на механизмите за контрола на Собранието врз Владата носи директна лична одговорност пред граѓаните, но особено пред Уставот и Законите на Република Македонија, се наведува во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.