Владата донесе заклучок премиерот Зоран Заев да може да ги насочува дејствата во областа на финансиите и финаиските политики, како и заклучок заменичката на министерот за финансии Ширет Елези да ги преземе овластувања и одговорности за раководењето со ова Министерство.
Ваквите заклучоци, како што информираше на денешната прес-конференција владиниот портпарол Муамет Хоџа, членовите на Владата ги донеле на вчерашната седница.
– На оваа седница беа донесени два заклучока. Првиот дека претседателот на Владата ги насочува дејствата на Владата во работите од областа на финансиите и финансиката политика и спроведување на програмските определби на Владата, согласно член 11 став 1 и став 2 и член 35 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија. Вториот заклучок на Владата е дека констатира оти се настапени условите по член 48 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државата управа согласно кои заменикот министер за финансии ги презема сите овластувања и одговорности за раководењето на министерството за финансии, рече Хоџа.
Членот 11 од Законот за Владата предвидува дека премиерот раководи со работата со Владата, одговорен е за нејзината работа и остварува соработка со другите органи. Вториот став, пак, вели дека тој го насочува дејствувањето на Владата во целина и нејзините членови во согласност со програмските определби и насоките што таа ги утврдува. Во членот 35 од истиот Закон, пак, се вели дека за извршување на законите, Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци.
Согласно Законот за организација и работа на органите на државата управа, заменикот го заменува министерот во случај кога тој е отсутен или кога поради болест или други причини не е во можност да ја врши својата функција.
Поранешниот министер за финансии Драган Тевдовски беше сменет при неодамнешната реконструкција на Владата. Премиерот тогаш најави дека истовремено ќе ја извршува и оваа министерка функција, но потоа се повлече поради ставот на ДКСК за судир на интереси. Потоа најави дека ова овластување што го доби од Владата ќе го користи привремено до избор на нов министер за финансии.
На денешната прес-конференција владиниот портпарол беше прашан зошто Владата реагирала со соопштение за случајот со пејачката Тамара која на прославата во Американската амбасада погрешно ја испеа македонската химна. Тој кусо одговори дека од Владата не испратиле соопштение самоиницијативно, туку тоа го направиле само до оние медиуми кои побарале став од Владата за ова прашање. Претходно, за настанот се извини пејачката Тамара со оправдување за ненамерна грешка, а тоа го направи и Амбасадата на САД.